Во Италија е остварен нов црн рекорд откако во последните 24 часа починале 250 луѓе од коронавирусот, со што вкупната бројка порасна на 1.266. Ова е првпат во еден ден да има повеќе од 200 мртви.
Специјалниот комесар Анџело Борели извести дека има и 2.116 новозаразени, односно вкупно 17.660.
„Социјална дистанца е клучот на спречувањето на ширењето на заразата. Наредните недели ќе бидат клучни и сѐ ќе зависи од однесувањето на секој поединец“, кажа Борели.
Европа сега е епицентар на глобалната пандемија на коронавирусот, кажа шефот на Светската здравствена организација Тедрос Адханом Гебрејесус. Тој ги повика државите да преземат агресивни мерки и да се мобилизираат.
После Италија, Шпанија е најтешко погодена европска земја. Во последните 24 часа, во Шпанија има двојно зголемување на бројот на мртви, на 120, а заразени се повеќе од 4.200 луѓе. Премиерот Педро Санчес изјави дека во наредните две недели во земјата ќе биде на сила вонредна состојба.
Коронавирусот досега се појави во 123 држави и има повеќе од 132.000 заразени.