Силното невреме кое вчера попладне ја зафати Хрватска предизвика значителни штети на полуостровот Истра, каде се трага и по италијански турист кој паднал од брод. Во Новиград дрвја паѓаа врз приколки, шатори и автомобили, но нема повредени. Соседна Словенија издаде предупредување дека денеска попладне повторно се очекува силно невреме со бура.
Невреме кое е последица од суперклеточна бура вчеравечер ги зафати и Војводина и подрачјето на Белград, а големите дождови проследени со силен ветер предизвикаа проблеми во сообраќајот. Во Нови Сад загина 12-годишно дете, најверојатно од гром или струен удар додек било надвор. Во месноста Детелинара невремето соборило кран на градилиштето, кој при падот оштетил три соседни згради. Како последица на невремето, делови од Нови Сад останаа без струја.
Во Грција викендов се очекува температура до 45 степени. Противпожарната служба предупредува од голема опасност од пожари. Во моментов, најтежок пожар има кај местото Лаерма, на островот Родос, но туристите, како што се вели, не се во опасност. Топлотниот бран, според прогнозите, ќе трае и во текот на наредната недела. В среда се очекуваат нови рекордно високи температури.