Закон со кој се воведуваат нови контроли на интернет стапи на сила во Русија, среде грижите дека владата би можела да го искористи за замолчување на критичарите.
Законот за „суверен интернет“ им дава широки моќи на властите да го ограничуваат интернет сообраќајот во земјата. Кремљ вели дека ова ќе ја подобри сајбербезбедноста и дека корисниците нема да забележат никакви промени.
Критичарите сметаат дека власта ќе се обиде да создаде интернетски заштитен ѕид сличен на оној во Кина, со кој се спречуваат забранети содржини.
Законот бара од интернет провајдерите да инсталираат опрема способна да го идентификува изворот на интернет сообраќајот и да ги прочистува содржините. Во пракса, руските телекомуникациски агенции сега ќе бидат поефективни во блокирањето сајтови.
Како што се вели во текстот на законот, тој дури му дава можност на Кремљ целосно да го исклучи интернетот во земјата во итен случај.
Американските разузнавачи тврдат дека Русија го користеше интернетот за да се меша во претседателските избори во САД во 2016 година, што Москва го демантира.