Премиерката Ана Брнабиќ објави дека од вечерва сѐ се затвора во Србија, со исклучок на прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи, мерка што беше на сила изминатиот викенд. Таа додаде дека ова ќе важи најмалку до понеделник, но засега нема да се воведува полициски час.
„Од вечерва речиси сѐ се затвора, а од понеделник ќе видиме. Ќе работат само прехранбените продавници, аптеките и бензинските пумпи, она што е неопходно за колку-толку нормален живот“, изјави Брнабиќ, додавајќи дека овие мерки имаат за цел да му помогнат на здравствениот систем.
Државните институции продолжуваат со работа, како и градинките, банките и поштите.
„Ова е компромисно решение. Мерките се остри, но ќе траат само пет дена, иако Кризниот штаб побара да траат две недели. Дали мерките ќе бидат продолжени и после понеделник, зависи од сите нас“, кажа Брнабиќ.
Во Србија секојдневно се зголемува бројката на новозаразени со коронавирус, иако досега 791.000 граѓани примиле две дози од вакцината.