Најмалку 7.000 луѓе починале во старечките домови низ САД од последиците на коронавирусот, објави весникот „Њујорк тајмс“.
Вирусот досега е регистриран во повеќе од 4.100 старечки домови и други слични установи низ земјата.
Ваквите институции се особено ранливи во пандемијата, затоа што стари лица имаат нарушен имунолошки систем и многу луѓе живеат на мал простор, поради што вирусот побрзо се шири. Минатиот месец, американските власти издадоа нови мерки и насоки за повеќе од 15.000 старечки домови во земјата. Тоа предвидува рестрикции во трпезарии, откажување на собири и дружби и скрининг на оние кои ги посетуваат домовите. Сепак, „Њујорк тајмс“ пишува дека мерките не се задолжителни.
И Франција пријави голем број смртни случаи од КОВИД-19 во старечки домови, но повеќето земји во своите статистики ги вклучуваат само оние кои починале во болници.