Полски активисти во Варшава го претставија првиот автомат за апчиња за абортус во светот, како нов начин на дистрибуција со цел да се заобиколи речиси целосната законска забрана за прекин на бременоста во земјата.
Автоматот наречен АбортОмат има 22 прегради, обоен е во розова боја и врамен со завеси со зебра-шари. Тој им овозможува на жените брз и анонимен пристап до таблетите преку внесување шестцифрен код. Услугата е наменета за оние кои не можат или не сакаат со денови да чекаат достава по пошта поради спонтан абортус или здравствени компликации, како и за оние кои стравуваат од примање на таква пратка на домашна адреса.
Директорката на фондацијата Women Help Women и соосновачка на Abortion Dream Team, Кинга Јелинска, вели дека ако луѓето можат да нарачаат долна облека, козметика или маскара и да ги добијат истиот или следниот ден, нема причина тоа да не важи и за апчињата за абортус, каде што во одредени случаи постои многу поголема итност. Овие две здруженија стојат зад реализацијата на проектот.
Овој потег следува шест години откако граѓаните ширум Полска излегоа на масовни улични протести против заострувањето на законите за абортус, кои и претходно важеа за едни од најстрогите во Европа, што претставуваше најголем бран демонстрации од падот на комунизмот. Протестите во 2023 година му помогнаа на Доналд Туск да дојде на власт со ветување дека ќе ги смени законите во рок од 100 дена. Јелинска вели дека оттогаш настапила политичка стагнација, потсетувајќи на минатогодишните изјави во кои премиерот кажа дека едноставно нема мнозинство за законски измени со кои би се дозволил абортус до 12-тата недела од бременоста. Туск тогаш најави поинаков пристап на владата, соопштувајќи дека нема кривично да бидат гонети лицата кои помагаат при абортус.
Во Полска поседувањето или земањето апчиња за абортус не е кривично дело, но обезбедувањето на терапијата или помагањето некому да дојде до неа се казнува со затвор до три години. Според Јелинска, уредот нуди нов начин да се одговори на овие ограничувања и претставува еден вид правна дупка, со оглед на тоа што законот третира директно предавање на средствата на некое лице, додека присуството на автомат ја прави правната ситуација многу понејасна.
Пакетоматот е поставен внатре во центарот за абортус што во март 2025 година го отвори Abortion Dream Team, опишан како прв од ваков вид во демократска Полска. Центарот нуди безбеден простор за советување за опциите и поддршка при земањето на таблетите, а симболично е лоциран спроти зградата на полскиот парламент.
Јелинска вели дека центарот ги надминал очекувањата во однос на давањето поддршка, но истовремено покажал колку малку функционери на власт се подготвени да застанат зад нив. Таа додава дека пред центарот три до четири пати неделно се одржуваат протести каде што демонстрантите користат сирени и вувузели, поради што активистите стравуваат дека бучавата ќе предизвика соседите да побараат дислокација на просториите. На овие случувања нема реакција ниту од градските власти, ниту од полицијата. Според неа, организациите сè повеќе се чувствуваат напуштени од политичарите, иако минатата година околу 50.000 луѓе побарале помош од мрежата на организации за право на избор. Таа заклучува дека во Полска прашањето за пристап до абортус нема да го решат политичарите туку самите жени и заедниците, додавајќи дека жените не можат да им ја доверат одлуката за сопственото тело на политичките структури.



