Водечкиот европски дипломат Жозеп Борел отворено го обвини Израел дека го финансирал Хамас.
„Хамас беше финансиран од израелската влада во обид да се ослабне Палестинската самоуправа“, рекол Борел при примањето на почесниот докторат на Универзитетот во Ваљадолид, пренесе шпанскиот весник „Ел Паис“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во минатото негираше вакви обвинувања.
Еврокомесарот за надворешна политика истакнал дека создавањето на палестинска држава е неопходно со цел да се реши актуелниот конфликт.
„Единственото решение е да се формираат две држави кои ќе ја делат земјата за која умираат веќе 100 години. Таквото решение мора да се наметне однадвор“, кажал Борел.
Израелската влада ги негираше ставовите на Борел.
„Борел греши. Далеку од тоа дека го зајакнувал Хамас, премиерот Нетанјаху силно го удри Хамас со три големи воени операции, во 2012, 2014 и 2021, а по масакрот од 7 октомври, тој ѝ нареди на војската целосно да го уништи Хамас“, изјави советникот на Нетанјаху, Офир Фалк.
Тврдењата дека владата на Нетанјаху дозволила финансирање на Хамас, вклучително и катарско финансирање на Газа, претходно беа изнесени од израелската опозиција, аналитичари и медиуми, како „Њујорк тајмс“. Израелските власти велат дека ова е дел од политиката што повеќето водечки израелски политичари ја прифатиле како можен начин за модерирање на Хамас со претпоставка дека милитантната група ќе ја ублажи својата идеологија и ќе се охрабри да се фокусира на владеењето.