Основното јавно обвинителство Гостивар вечерва донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење, откако на 17 јули водата во градот беше забранета за пиење и друга употреба, а од вчера е прогласена епидемија. Осомничените соизвршители: Артана Асани како в. д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини, технички раководител на Сектор за технички работи, и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши, со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
„Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем. Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување“, соопшти Гостиварското обвинителство детали за водата која гостиварчани ја пиеле цели 22 дена.
Кривичниот законик преку Член 234 Тешки дела против животната средина и природата пропишува затворски казни од 1 до 10 години за загадување на вода за пиење, ако тоа доведе до тешки последици по здравјето, смрт или трајно оштетување на екосистемот.
По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје извршил анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал, при што е констатирано дека водата е силно загадена оти има околу 48 пати повеќе колиформни бактерии од максимално дозволеното.
„Водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2.419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл“, вели Обвинителството.
„Во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето. Дополнително анализиран е примерок земен од чешма на улицата ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л“, кажа Обвинителството.
Измерената концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л е 2,2 пати над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л, односно 3,7 до 5,5 пати над препорачаниот опсег од 0,2–0,3 мг/л утврден со важечкиот правилник.
Колиформните бактерии се група бактерии што служат како показател дека водата е загадена, особено со фекално загадување. Ако ги има во вода за пиење, тоа значи дека постои ризик да има и други штетни микроорганизми. Аеробни мезофилни бактерски колонии се бактерии кои живеат и се размножуваат во присуство на кислород и најдобро растат на умерени температури (околу 20–45 °C, најчесто околу 37 °C). Нивниот број покажува колку е микробиолошки чиста или загадена водата. Голем број на овие бактерии значи дека водата не е доволно чиста и може да содржи органско загадување.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска кажа дека досега се регистрирани 3.150 здравствени контакти со затруената вода од градскиот водовод во Гостивар. Четири лица беа хоспитализирани, но веќе се пуштени на домашно лекување.
Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оценил дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело.
„Основното јавно обвинителство Гостивар продолжува да презема истражни дејствија за целосно испитување на настанот. Осомничените се лишени од слобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот“, вели Обвинителството.
За утре во Гостивар е најавен брифинг со новинарите во Основното јавно обвинителство, на кој ќе присуствува и Државниот обвинител Ненад Савески.
Премиерот Христијан Мицкоски за затруената вода во гостиварскот водовод денеска рече дека „таму морална одговорност треба да понесат од прв до последен, од градоначалникот сè надолу“.
Денеска, градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани објави дека директорката и дел од раководството што е одговорно за водоводот се суспендирани од функциите, но рече дека тој не чувствува морална одговорност.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, пак, кажа дека до нив нема стигнато барање за помош од армијата во врска со епидемијата во Гостивар.
„До денес, до армијата нема стигнато било какво барање за помош во случајот со прогласената епидемија во Гостивар. Доколку било кој почувствува потреба и се јави, локалната самоуправа, граѓаните, војската е тука да помогне, на било кој начин. Но прво треба да ја побараат“, рече Мисајловски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



