ВОДЕЧКИОТ ШВЕДСКИ ЕПИДЕМИОЛОГ ПРИЗНА ДЕКА ЗГРЕШИЛЕ СО СТРАТЕГИЈАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

    ВОДЕЧКИОТ ШВЕДСКИ ЕПИДЕМИОЛОГ ПРИЗНА ДЕКА ЗГРЕШИЛЕ СО СТРАТЕГИЈАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТШведска единствено забрани собири со повеќе од 50 луѓе (Фото: АФП)

    Водечкиот шведски епидемиолог Андерс Тегнел призна дека стратегијата на земјата во борбата против коронавирусот резултирала со премногу мртви.

    Андерс Тегнел е архитектот на контроверзниот мек пристап на Шведска кон коронавирусот и во интервјуто за Шведско радио призна дека можеби требало да се воведат повеќе рестриктивни мерки. Тој се согласи со мислењето на новинарот дека премногу луѓе умреле од КОВИД-19 во Шведска.

    „Доколку сега би се соочил со истата болест со знаењата што ги имаме денес, мислам дека нашиот одговор би бил некаде во средина меѓу шведскиот пристап и онака како што постапи остатокот од светот“, изјави Тегнел.

    Владата на Штефан Лофвен ги послуша епидемиолозите и не воведе карантин, ниту строги мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот, туку се потпре на самоодговорноста на жителите. Единствено беа забранети собири со повеќе од 50 луѓе и голем дел од јавноста го поддржа ваквиот пристап.

    Само вчера Шведска пријави нови 775 случаи на коронавирус, а досега починале 4.468 луѓе, од кои голем број во старечките домови. Данска и Норвешка пред неколку дена објавија дека засега не ги отвораат своите граници за жителите на Шведска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира