Австралија испрати над илјада војници во сојузната држава Викторија по наглиот пораст на бројот на заразени со коронавирус во изминатите денови. Во последните 24 часа таму се регистрирани 33 нови случаи.
Главниот град на Викторија, Мелбурн, со недели беше единствениот извор на локално пренесување во земјата, чиј пристап кон потиснувањето на епидемијата беше фален како успешна приказна.
Во досега невиден потег, војската е распоредена во Викторија за да им помага на локалните власти. Повеќе од 1.300 припадници на армијата ги чешлаат предградијата на Мелбурн кои се оценети како жаришта, при што ќе се користат нови, брзи тестови на плунката.
„За овој тест е доволен мал примерок во чаша и е многу попријатен од класичното земање брис од нос. Колку што знаеме, вакви тестови досега не се правени никаде на светот и тие значително ќе го забрзаат целиот процес“, изјави премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус.
Властите се надеваат дека за десет дена ќе бидат тестирани 100.000 луѓе.
„Место да чекаме вирусот уште повеќе да се прошири, ќе одиме од врата до врата“, додаде Ендрјус.