Володимир Зеленски изјави дека украинската војска побарала мобилизација на уште 450.000-500.000 луѓе, но конечната одлука засега не била донесена. Украинскиот лидер ја држи својата годишна прес-конференција во периодот кога американската и европската помош се блокирани, а високопозиционирани генерали признаваат дека војската се соочува со недостиг на муниција и луѓе на фронтот.
„Високи владини и воени функционери ќе разговараат за многу чувствителното прашање на мобилизација, што потоа ќе биде разгледано во парламентот. Предлогот е да се мобилизираат уште 450.000-500.000 луѓе. Тоа е многу сериозна бројка. Мобилизација во таков обем би барала и дополнителни финансиски средства од околу 13,5 милијарди долари“, кажа Зеленски.
Тој децидно негираше дека Украина се соочува со ситуација да ја изгуби војната, додавајќи дека претходно биле во уште потешка позиција.
„Се согласувам дека имаме предизвици, како недостиг на артилериски и противтенковски гранати. Ризици постојат, но се бориме и веруваме во себеси. Никој не знае кога оваа војна би можела да заврши. Она што го знам е дека не сме подготвени да ја дадеме нашата земја“, кажа Зеленски.