Војската на Судан објави дека по 30 години на власт го соборила претседателот Омар ал-Башир и го уапсила.
Обраќајќи се преку државната телевизија, министерот за одбрана Авад Ибн Оуф изјави дека армијата ќе го надгледува наредниот двегодишен транзициски период и дека се воведува тримесечна вонредна состојба во државата.
Ова е исходот на неколкумесечните протести против Ал-Башир, кој беше на власт од 1989 година.
„Режимот е соборен, а Башир се чува на сигурно место. Исто така, уставот на Судан е суспендиран, затворени се граничните премини, а на 24 часа е затворен и воздушниот простор. Воен совет ќе ја преземе контролата врз државата во наредните две години, по што ќе бидат организирани избори“, изјави Оуф.
Една од најголемите африкански држави беше парализирана откако првите протести почнаа во градот Атбара во декември, што уследија по драстичното покачување на цената на лебот. Во протестите кои со тек на време се проширија низ целата држава загинаа 22 луѓе.
Башир (75) се соочува и со меѓународен налог за апсење за геноцид на 300.000 цивили во Дарфур за време на граѓанската војна.