ФБИ ја истражува експлозијата на возило на американско-канадската граница како обид за терористички напад, објави „Фокс њуз“. Две лица во возилото загинаа, а еден граничен службеник е повреден.
Експлозијата се случи на мостот „Реинбоу“ на американската страна од границата близу водопадите Нијагара, што доведе до затворање на уште четири гранични премини во таа област.
„Канада размислува да преземе дополнителни мерки за да ги заштити своите гранични премини. Засега е прерано да се каже што е причината за експлозијата. Би било неодговорно да шпекулираме, но ова е многу сериозна ситуација“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо.
Еден американски функционер изјави дека возилото се движело со голема брзина пред да удри во столб, по што експлодирало.
„Експлозијата би можела да биде резултат на судирот, а можеби е нешто друго. Возилото се движело од Канада кон САД“, изјави тој.