Доналд Трамп, кој утрово објави дека имал позитивен тест за коронавирус, има неколку ризични фактори за да развие посериозни симптоми.
Седумдесет и четиригодишниот Трамп спаѓа во високоризична група само поради својата возраст, но и поради тежината. Според последните информации, тој има 110 килограми, што го прави клинички дебел за неговата височина од 1,90 метри.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), луѓето од 65 до 74 години се соочуваат со пет пати поголем ризик од хоспитализација и со 90 пати поголем ризик од смрт од ковид-19 од младите луѓе на возраст од 18 до 29 години.
ЦДЦ вели дека прекумерната тежина тројно го зголемува ризикот од хоспитализација. Сепак, не е познато дали Трамп има други медицински состојби кои би можеле да го стават во високоризична група.
Лекарот на Трамп, Шон Конли, изјави дека Доналд и Меланија Трамп се добро и дека планираат да останат во Белата куќа додека заздравуваат.
„Очекувам претседателот да продолжи да ги извршува своите задолженија“, кажа Конли.
Доналд и Меланија Трамп се тестираа откако неговата блиска соработничка Хоуп Хикс имаше позитивен тест. Таа патуваше со него во претседателскиот авион на првата дебата со Џо Бајден, за време на која повеќето членови на семејството Трамп не носеа маска.