Врховниот суд на САД соопшти дека Доналд Трамп може да искористи 2,5 милијарди долари од буџетот на Пентагон за изградба на дел од ѕидот на границата со Мексико.
Судот на тој начин ја поништи претходната пресуда на федерален судија од Калифорнија, кој му забрани на Трамп да троши пари за ѕидот. Тој беше едно од главните предизборни ветувања на Трамп во кампањата во 2016 година, на што демократите жестоко се спротивставуваат.
Според новата одлука, овие пари можат да се искористат за проектот на ѕидот во Аризона, Калифорнија и Њу Мексико.
„Вау! Ова е голема победа за ѕидот. Врховниот суд на САД ја поништи претходната одлука на понизок суд и процесот на изградба на ѕидот на јужната граница може да почне. Ова е голема победа за граничната безбедност и владеењето на правото“, напиша Трамп на Твитер.
Тој дури прогласи вонредна состојба оваа година за да дојде до сумата од 6,7 милијарди долари за изградба на ѕидот, за чија вкупна должина од 3.200 километри, всушност, се потребни 23 милијарди долари.