Врховниот суд на Колорадо му забрани на Доналд Трамп да се кандидира на следните претседателски избори во оваа сојузна држава, повикувајќи се на уставна клаузула која се однесува на учество во бунт. Судот гласал 4:3 во полза на тоа дека Трамп не е подобен кандидат зашто беше вмешан во бунтот кој доведе до нападот на американскиот Конгрес пред речиси три години.
Оваа одлука не се однесува на останатите сојузни држави и Трамп сѐ уште може да се кандидира на изборите во 2024. Неговата кампања најави дека ќе се жали во Врховниот суд на САД, каде што конзервативците имаат мнозинство.
Пресудата само ги спомнува предизборите во Колорадо на 5 март, на кои Републиканската партија ќе го избере својот кандидат за претседател, но би можела да се однесува и на општите избори во Колорадо следниот октомври.
Ова е првпат во историјата да се користи Секција 3 од 14. амандман на американскиот устав за да се дисквалификува еден претседателски кандидат. Слични обиди да се исфрли Трамп од гласачките ливчиња биле направени и во Њу Хемпшир, Минесота и Мичиген, но неуспешно.
Одлуката на Врховниот суд на Колорадо нема да стапи на сила до 4 јануари, кога истекува крајниот рок за печатење гласачки ливчиња за внатрепартиските избори во оваа сојузна држава.
„Лидерите на Демократската партија се во параноја поради растечкото, доминантно водство на претседателот Трамп во анкетите. Тие ја изгубија довербата во неуспешното претседателство на Бајден и сега прават сѐ што можат за да ги спречат американските гласачи да ги исфрлат од функцијата следниот ноември“, изјави Стивен Чеунг, портпаролот на кампањата на Трамп.
Од Републиканската партија на Колорадо кажаа дека целосно ќе се повлечат од изборите во март ако пресудата остане на сила.