Повеќе од 150 луѓе се уапсени по втората ноќ нереди и насилства во Франција, кои уследија по смртта на 17-годишен возач, кој беше убиен од полицијата при рутинска сообраќајна контрола. Нахел М., кој имал потекло од северна Африка, бил застрелан од полицијата во париското предградие Нантер откако одбил да застане и продолжил да вози.
Нантер беше во центарот на нередите и ноќеска, каде што демонстрантите палеа возила и ја гаѓаа полицијата со пиротехника. Во исто време, полицијата се судри со демонстрантите во Лил, Тулуз, Амиен, Дижон и други градови.
Француските медиуми известија за инциденти на разни локации во поширокиот регион на Париз, при што се фрлаше пиротехника кон локални општински згради.
„Насилства имаше речиси секаде во земјата. Градски собранија, училишта и полициски станици беа мета во ноќта на неподносливо насилство“, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно го опиша убиството на тинејџерот како необјасниво и неоправдано. Еден полицаец се наоѓа под истрага за убиство, додека обвинителството кажа дека убиениот не ја почитувал наредбата да го запре својот автомобил.
„На снимката од инцидентот јасно се гледа како полицаец убива 17-годишно момче. Јасно се гледа дека пукањето не е во согласност со правилата“, изјави адвокатот на семејството на Нахел.