Српскиот претседател Александар Вучиќ бил многу лут што српската фудбалска репрезентација патувала на Европското првенство во Германија со хрватски авион. Ова го откри претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ, гостувајќи на телевизијата „Хепи“.
„Ја имаме нашата ‘Ер Србија‘ и сите патуваме со таа компанија. Кога слетува авион на ‘Ер Србија‘, тоа е наша гордост. Апсолутно е неопходно да се открие како се случило да се патува со хрватски авион и кој е одговорен за тоа“, кажа Брнабиќ.
Таа изјави дека досега не се дискутирало за ова за да не се одвраќа вниманието од српскиот национален тим.
Вучиќ беше критичен и кон настапот на Србија на ЕП, каде што таа заврши на последното место во својата група, со два освоени бода.
„Резултатот е дебакл. Вложивме многу пари во фудбалот и луѓето очекуваат резултати. Не е проблем кога се губи од Англија, Шпанија или Германија, но проблем е кога губите од репрезентација како Словенија која вреди трипати помалку од српскиот тим, кога гол ви дава играч кој во Целје има плата од 5.000 евра“, кажа Вучиќ.