Александар Вучиќ изјави дека јавноста во наредните три-четири дена ќе види некои изненадувачки одлуки на државата во врска со повеќемесечните антивладини протести, кои станаа насилни оваа недела. Тој додаде дека државата после тоа ќе тргне во одлучна акција.
„Ќе ви изгледа дека во тие три-четири дена државата не постои, дека сме поразени, но после тоа ќе видите одлучност да вратиме ред, мир и поредок во нашата земја. Одговорот на државата ќе биде многу поинаков од досега. Ќе се справиме со сите надворешни притисоци, со сите кои ни се закануваат“, кажа Вучиќ во денешното обраќање, кое уследи по уште една вечер на нереди и судири.
Обвинувајќи ги студентите и граѓаните кои протестираат за уривање на државата, Вучиќ ги спореди со фашисти и нацисти. Тој вели дека не се разгледува воведување вонредна состојба.
„Ги уништија школството и образованието, а факултетите ги претворија во дувла и свињарници. Нашата земја и сите наши вредности се во голема опасност. Банда владee на улиците, ни ја загрозија демократијата, ова е против секој нормален човек во државата“, кажа Вучиќ.
Тој нагласи дека она што се случуваше во Нови Сад и Ваљево, каде што беа демолирани и запалени просториите на владејачката Српска напредна партија, е чист тероризам.
„Прашање на денот е кога некого ќе убијат. Само тоа им преостана, да убиваат отворено на улица“, кажа Вучиќ.