Србија ги покажа новите противвоздушни ракети купени од Кина, но на презентацијата на воениот аеродром Батајница, освен кинеско и руско оружје, имаше и опрема од европски земји. Србија се обидува деликатно да балансира меѓу Западот и Истокот, посебно по руската инвазија на Украина.
Кинескиот систем ФК-3 со ракети земја-воздух, сличен на рускиот систем С-300, беше купен од Србија во 2019 година и испорачан минатиот месец. Претседателот Александар Вучиќ на презентацијата кажа дека Србија ќе купи 12 воени авиони Рафал од францускиот производител Дасо до крајот на оваа или на почетокот на следната година, што според политичките аналитичари е знак дека Белград се оддалечува од Русија.
Вучиќ кажа и дека преговара да купи 12 воени авиони Јурофајтер Тајфун од Велика Британија. Во моментов, Србија оперира само руски ловци – Миг 29.