Александар Вучиќ најави разоружување на Србија и вработување на уште 1.200 полицајци кои ќе бидат распоредени во училиштата по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац, во кои беа убиени вкупно 17 луѓе. Опишувајќи го синоќешното пукање кај Младеновац како терористички чин, српскиот претседател вети дека 20-годишниот убиец веќе нема да види дневна светлина.
„Во следните шест месеци ќе примиме 1.200 нови полицајци и за една година сакаме да постигнеме ниво во секое училиште во земјата да има полицаец. На тој начин ќе се намали насилството во училиштата за 80%“, кажа Вучиќ.
Друга мерка што ја најави се итни измени и дополнувања на законот за оружје, со цел да се поострат условите за поседување кратко огнено оружје.
„Сите кои поседуваат оружје, а тоа се околу 400.000 луѓе, ќе поминат низ строга ревизија. Потоа нема да останат повеќе од 30.000-40.000 парчиња. Ќе извршиме целосно разоружување на Србија, а за нелегалното чување оружје казните ќе бидат високи, ќе ги удвоиме. Ќе се зголемат казните и за неовластено производство, набавка и чување оружје и ќе воведеме двегодишен мораториум на издавање какво било оружје“, кажа Вучиќ.
Тој откри дека предложил враќање на смртната казна, но од владата му рекле дека таа во Европа постои само во Белорусија.
„Ме известија дека тоа е спротивно на Европската конвенција“, кажа Вучиќ.