Александар Вучиќ објави дека нема да оди на самитот на блокот БРИКС, што ќе се одржува од 22 до 24 октомври во рускиот град Казан. Србија сепак ќе има министерска делегација на самитот, што ќе ја предводи потпретседалот на владата Александар Вулин.
Вучиќ појасни дека не може да оди на самиот зашто го чекаат бројни меѓународни средби.
„Кога добив покана во август, им реков дека договарам средба со полскиот премиер Доналд Туск и тој доаѓа. Имам и трилатерална средба со Виктор Орбан и Роберт Фицо, а потоа и со Мицотакис и Урсула фон дер Лајен. Го почитувам Путин и му реков дури и доколку ги немав овие средби, би ми било тешко да дојдам. Путин цени многу што Србија не пристапи на ниедна декларација против Русија“, кажа Вучиќ, кој вчера го имаше првиот телефонски разговор со Путин по две и пол години.
На 16. самит на БРИКС, кој се смета за противтежа на западот, за првпат ќе учествуваат и новите членки. На 1 јануари 2024 членки на блокот станаа Египет, Иран, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Етиопија, кои им се придружија на Бразил, Индија, Кина, Русија и Јужна Африка.