Александар Вучиќ денеска ја посети Украина за првпат од почетокот на руската агресија и притоа учествуваше на самитот Украина-Југоисточна Европа во Одеса. Таму се сретна со Володимир Зеленски, на кого му кажа дека Србија би сакала да обнови еден или два града во Украина или некој помал регион и така да му даде поддршка на украинскиот народ.
„Би сакал да ја добијам вашата поддршка за да изберам еден или два града или некој помал регион што би можеле да ги обновиме. Тоа би било нешто видливо за луѓето во Украина“, кажа Вучиќ, додавајќи дека Азербејџан веќе направил такво нешто.
„Сакам да нагласам во името на мојата земја дека Србија ќе продолжи да се придржува до Повелбата на Обединетите нации и до меѓународното јавно право, што значи заштита на територијалниот интегритет на земјите“, додаде Вучиќ.
Тој ги отфрли критиките дека со доаѓањето во Украина ја предал Русија и додаде дека бил единствениот кој не ја потпишал антируската декларација, туку дека Србија била воздржана.
„На кој начин сум ја предал Русија? Ова е четврти пат да сум на самитот Украина-Југоисточна Европа и повторно сум единствениот кој не ја прифати декларацијата. До вчера, медиумите ме обвинуваа дека сум руски агент, а сега сум некој странски“, кажа Вучиќ.
Од почетокот на војната, Србија не се приклучи на ниедни санкции за Русија, а Вучиќ беше еден од ретките европски лидери кој присуствуваше на воената парада во Москва за Денот на победата.