Вухан ги остави зад себе страшните денови на епидемија на коронавирусот и карантин и викендов организираше голем фестивал на електронска музика, на кој присуствувале илјадници луѓе.
Фестивалот се одржал во воден парк и фотографиите што го обиколија светот покажуваат дена никој не носел маска, ниту важеле мерките за социјална дистанца. За да привлечат што повеќе луѓе, организаторите понудиле двојно поевтини карти за женски посетители.
Ова е сосема спротивна слика од ситуацијата во Вухан во јануари, кога тој стана град на духови, откако 11-те милиони жители беа ставени во досега невиден карантин и тоа во периодот кога имало само 400 заразени и 17 починати од ковид-19. Само една недела порано, Кина потврди дека коронавирусот се пренесува од човек на човек.
Рестриктивните мерки во Вухан почнаа да попуштаат во март, а карантинот беше целосно укинат на 8 април. Откако на 12 мај биле регистрирани шест нови случаи на зараза, градските власти ги тестираа сите 11 милиони жители и повторно го ставија ширењето под контрола.
Животот во Вухан денес целосно е вратен во нормала, а случај на локално пренесување на вирусот не е забележан од средина на мај.