Шестнеделно бебе е меѓу 15-те лица кои починале од глад во Газа во последните 24 часа, соопштија локалните здравствени службеници, при што неухранетоста сега ги убива Палестинците побрзо од кога било во 21-месечната војна.
Бебето починало на болничко одделение во северна Газа, соопштија здравствените работници, именувајќи го како Јусеф ал-Сафади. Уште тројца од починатите се деца, од кои едно имало 13 години.
Палестинските здравствени службеници велат дека најмалку 101 лице починале од глад за време на конфликтот, вклучувајќи 80 деца, а повеќето од нив во последните недели. Израел ги контролира сите залихи на помош во енклавата, каде што поголемиот дел од населението е раселено повеќепати и се соочува со акутен недостиг на основни потреби.
Шефот на Агенцијата за палестински бегалци на Обединетите нации (УНРВА) Филип Лазарини изјави дека нејзиниот персонал, како и лекарите и хуманитарните работници се онесвестуваат на должност во Газа поради глад и исцрпеност.
„Никој не е поштеден. И лекарите, медицинските сестри, новинарите и хуманитарците се гладни“, изјави Лазарини.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека фотографиите од цивилите убиени при дистрибуција на помош се неподносливи и го повика Израел да ги исполни ветувањата за подобрување на ситуацијата, но не кажа какви мерки ќе преземат европските земји.
Израелската војска соопшти дека „трансферот на хуманитарна помош во Газа го смета за прашање од најголема важност“ и дека работи на олеснување на нејзиниот влез во координација со меѓународната заедница. Таа ги негираше обвинувањата дека спречува помошта да стигне до Газа и го обвини Хамас за кражба на храна.
„Болниците се веќе преоптоварени од бројот на ранети и не можат да обезбедат поголема помош за симптомите поврзани со глад“, рече Калил ал-Декран, портпарол на министерството за здравство на Газа.
Тој додаде дека околу 600.000 луѓе страдаат од неухранетост, вклучувајќи најмалку 60.000 бремени жени и има критичен недостиг на млеко за бебиња.