Владимир Путин изјави дека мора да се реши прашањето на проширувањето на НАТО кон исток за да има одржлив мир во Украина.
„Војната беше резултат на државен удар во Украина, кој беше поддржан и испровоциран од западот. Западот се обиде да ја донесе Украина во својата орбита и потоа да ја привлече во НАТО. За да биде украинското решение одржливо и долгорочно, мора да се отстранат основните причини за кризата, кои повеќепати ги споменав претходно. Мора да се обнови праведна рамнотежа во безбедносната сфера“, кажа Путин на самитот на Шангајската организација за безбедност, што се одржува во кинескиот град Тијанџин.
На самитот во Букурешт во 2008, лидерите на НАТО се согласија дека Украина и Грузија еден ден ќе станат членки на западната воена алијанса. Во 2019, Украина го измени својот устав, искажувајќи посветеност кон полноправно членство во НАТО и Европска Унија.
„Ројтерс“ во мај објави дека еден од условите на Путин за крај на војната е барање до западните лидери писмено да се обврзат дека ќе го прекинат проширувањето на НАТО кон исток.
По три и пол години војна, Русија контролира речиси една петина од Украина. Киев и западноевропските сили ја опишуваат инвазијата како брутален грабеж на земја во империјален стил.
Путин рече дека „разбирањето“ што го постигнал со Доналд Трамп на самитот во Алјаска во август отворило пат кон мир во Украина, за што ќе разговара со учесниците на регионалниот самит во Кина.