Џо Бајден кажа дека џетлегот е виновен за неговиот слаб настап на неодамнешната дебата со Доналд Трамп, велејќи дека не било многу паметно што неколкупати патувал низ светот пред дебатата.
„Не го слушав мојот тим. Потоа за малку ќе заспиев на сцената. Ова не е оправдување, туку објаснување“, изјави Бајден.
Осумдесет и едногодишниот Бајден, кого Трамп на шега го вика „поспаниот Џо“, се врати од своето последно патување на 15 јуни, 12 дена пред дебатата, која предизвика паника во редовите на Демократите. Лојд Догет вчера стана првиот демократски конгресмен кој јавно го повика Бајден да се повлече од претседателската трка.
„Се надевам дека тој ќе ја донесе болната и тешка одлука за повлекување“, кажа Догет.
Бајден на моменти делуваше збунето и се мачеше со зборови за време на дебатата. Се извини за својот слаб настап и кажа дека не планира да се повлече од кампањата.
Тој имаше две патувања во Европа за период од две недели минатиот месец. На 15 јуни се појави на донаторски настан по враќањето од Италија и следниот ден замина за Вашингтон. Од Белата куќа претходно кажаа дека Бајден настапил настинат на дебатата, што Бајден не го спомна сега.
Нова анкета на „Ројтерс“ покажа дека една третина демократи сметаат дека Џо Бајден би требало да ја прекине својата кампања. Според неа, и Бајден и Трамп имаат поддршка од по 40% регистрирани гласачи.