Новиот сој на коронавирусот омикрон веројатно ќе се прошири низ цел свет и постои многу висок глобален ризик од порастот на бројот на заразени, што би можело да има сериозни последици во некои области, предупреди Светската здравствена организација.
„Омикрон има досега невиден број мутации на шилестиот протеин. Некои од нив се загрижувачки и би можеле да имаат влијание врз траекторијата на пандемијата. Севкупниот глобален ризик поврзан со оваа нова варијанта е окарактеризиран како многу висок“, соопшти СЗО.
Досега нема потврдени смртни случаи од омикрон и ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се утврди неговата евентуална отпорност на постојните вакцини против ковид-19.
„Зголемениот број заразени може дополнително да ги оптовари здравствните системи и да ја зголеми смртноста“, додаде СЗО.
Сојот откриен во Јужна Африка првпат бил пријавен во СЗО на 24 ноември и во меѓувреме беше детектиран во повеќе држави надвор од Африка. Голем број земји воведоа ограничувања за патувања, а Јапонија и Израел ги затворија границите за сите странци. Од СЗО велат дека повеќе информации за омикрон ќе има во наредните недели.