Европскиот суд за човекови права пресуди дека задолжително вакцинирање може да се смета за неопходно во демократски општества, откако чешки семејства поднесоа жалба против задолжителна имунизација на деца.
Ова е првпат судот во Стразбур да донесе пресуда во врска со задолжителното вакцинирање против детски болести. Експертите сметаат дека ова би можело да има импликации врз каква било политика на задолжително вакцинирање против ковид-19.
Чешките случаи датираат од периодот од 2013 до 2015 година и немаат врска со сегашната пандемија.
„Мерката би можела да се смета за неопходна во демократско општество. Целта треба да биде секое дете да биде заштитено од сериозни болести преку вакцинирање или колективен имунитет“, соопшти Судот, додавајќи дека чешката здравствена политика е соодветна со најдобрите интереси за децата.
Судот заклучи дека нема прекршување на Членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на правото на почитување на приватен живот.