Бившите премиери на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, имале телефонски разговор во кој дискутирале за последните политички случувања во Македонија, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Извори блиски до Ципрас велат дека двајцата бивши лидери ја нагласиле важноста на одржувањето на Преспанскиот договор и на продолжувањето на соработката помеѓу двете земји, особено во поглед на напорите на Македонија за пристапување кон Европската Унија и стабилноста на Западен Балкан.
„Тие ја истакнаа загриженоста за порастот на националистичкиот популизам, означувајќи го како лицемерен и опасен. Двајцата политичари се согласија да продолжат со иницијативи насочени кон одржување на мирот, зачувување на Преспанскиот договор и поттикнување поблиски односи помеѓу Грција и Северна Македонија“, изјави извор близок до Ципрас.
Портпаролот на Стејт департментот кажа дека САД се посветени на Договорот од Преспа и пристапувањето на Северна Македонија кон европско-американските институции и по неодамнешните избори во Македонија. Тој одговори на прашање од грчки новинар во врска со изјавата на новоизбраната претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која на инаугурацијата ја нарече земјата Македонија, наместо со уставното име Северна Македонија.