Лидерите на шесте држави од Западен Балкан се сретнаа со британски и европски функционери во Лондон за да разговараат за миграцијата, безбедноста и економскиот раст во регионот во кој Русија сака да наметне свое влијание. Британскиот премиер Кир Стармер ги нагости премиерите на Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија на самитот на „Берлински процес“, велејќи дека нивниот регион е европскиот камен-темелник, каде што безбедноста на континентот е ставена на тест.
Владата на Стармер се надева дека ќе постигне напредок во справувањето со шверцот на дрога, ќе ја зајакне одбраната на западнобалканските земји од руско мешање и ќе ја ограничи илегалната миграција.
„Постои криминална рута низ Западен Балкан преку која нелегални мигранти доаѓаат во Велика Британија и ние сме решени да ја затвориме во соработка со европските партнери. Нашите заеднички напори веќе ги преполовија нерегуларните гранични преминувања и ги намалија пристигнувањата на мали албански чамци за 95%. Со помош на нова Заедничка работна група за миграција, британски беспилотни летала и построги санкции ги гониме шверцерските банди во секоја фаза за да ги ликвидираме“, рече Стармер.
Велика Британија објави дека воведува санкции против бандите Красниќи и Сеферовиќ и против сомнителните финансиери кои ја овозможуваат трговијата со луѓе, вклучително и мрежа за фалсификување косовски и хрватски пасоши.
„Западен Балкан е главна транзитна рута за безмилосни банди кои вршат шверц на луѓе. Нашиот ефикасен режим на санкции е клучна алатка во гонењето на бандите кои дејствуваат надвор од нашите граници и во разоткривањето на таинствените мрежи што ги поддржуваат. Работејќи заедно со нашите партнери во регионот, преземаме решителни мерки за да ги обезбедиме нашите граници и да се зајакнеме дома“, изјави британската министерка за надворешни работи Ивет Купер.
Во последниве години бандите шверцувале стотици илјади луѓе во ЕУ преку Западен Балкан, а Лондон вели дека една четвртина од мигрантите кои стигнале до Велика Британија во мали чамци преку Ламанш патувале низ регионот.
„Во делот на нелегалната миграција, нашиот став е апсолутно јасен: ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи мигрантите нелегално влегуваат кај нас од земји-членки на ЕУ. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер на билатералната средба, дека британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери и припадници на армијата на Британија би биле добредојдени заедно со нашите припадници да ја штитат нашата југоисточна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа. Ја презентирав нашата отворена покана“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
Велика Британија се надева дека ќе направи работна група со Албанија, која преку договор за враќање и локални проекти во областите од кои што доаѓаат мигрантите помогна да се намали бројот на албански мигранти кои се обидуваат да стигнат до Велика Британија од 12.000 во 2022 на околу 600 во 2024.
Македонија е дел од Заедничката работна група за миграција.
„Оваа група е фокусирана на разбивање на криминалните банди кои профитираат од трговијата со луѓе и други незаконски добра преку границите. Овие банди претставуваат закана не само за Обединетото Кралство, туку и за Северна Македонија, и од безбедносен и од економски аспект. Во практична смисла, оваа соработка вклучува зголемена размена на разузнавачки информации, поблиска соработка на безбедносните служби и спроведување заеднички операции. Станува збор за подобрување на соработката и партнерството зад сцената, за подобра координација во борбата против организираниот криминал на Балканот и во Обединетото Кралство“, кажа британскиот амбасадор во Македонија Метју Лосон во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК во јуни.



