Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека водството на Русија е хиперрационално и дека Украина никогаш нема да успее да стане членка на НАТО и ЕУ. Зборувајќи на фестивал на етнички Унгарци во пограничниот романски град Бајле Тушнад, Орбан предвиде дека ќе дојде до поместување на глобалната моќ од „ирационалниот“ запад кон Азија и Русија.
„Западот ја губи моќта. Во следните децении, можеби и векови, Азија ќе биде доминантниот центар на светот. А, ние западњаците ја туркаме Русија во тој блок“, кажа Орбан, спомнувајќи ги Кина, Индија, Пакистан и Индонезија како идни големи светски сили.
За разлика од остатокот на ЕУ, Унгарија под Орбан се залага за поблиски врски со Русија и Кина.
„За разлика од слабоста на западот, позицијата на Русија во светските работи е рационална и предвидлива. Таа покажа економска флексибилност и се прилагоди на западните санкции воведени по анексијата на Крим во 2014“, кажа Орбан.
Тој смета дека Украина никогаш нема да стане членка на ЕУ и НАТО зашто Европејците немаат пари за тоа.
„Европската Унија мора да се откаже од својот идентитет како политички проект и да стане економски и одбранбен проект“, порача тој.