Официјални лица во Јужна Кореја се обидуваат да ја решат мистеријата како 163 пациенти излекувани од коронавирусот повторно имале позитивен тест. Вакви случаи биле регистрирани и во Кина, но нема официјални бројки.
Ова го покренува прашањето дали можеме повторно да се заразиме со коронавирус.
Стапката во Јужна Кореја засега е мала: од досега излекувани 7.829 луѓе, 2,1% повторно имале позитивен тест, објави тамошниот Центар за контрола на болести и превенции (КЦДЦ). Нејасно е колку од оние што заздравиле повторно биле тестирани. Сепак, вакви случаи предизвикуваат загриженост низ светот, особено во земји како Јужна Кореја, кои веруваа дека го имаат ставено вирусот под контрола.
„Нема индикации дека пациентите кои повторно имале позитивен тест се заразни, иако 44% од нив покажувале благи симптоми. Научниците и натаму не знаат многу нешта за вирусот, вклучувајќи го прашањето за природно стекнат имунитет. КОВИД-19 е можеби најпредизвикувачкиот патоген со кој сме се сретнале во изминатите децении. Тој е многу тежок непријател“, изјави заменик директорот на КЦДЦ, Квон Јон-вок.
Засега, најчестото објаснување за повторен позитивен тест е дека тој фаќа остатоци од вирусот. КЦДЦ истражил три од овие случаи и притоа не пронашол траги на жив вирус.
Други објаснувања се дека имало грешка при тестирањето или дека вирусот повторно се активирал.
„Во овој момент сметаме дека нема опасност од секундарно или терцијарно пренесување на вирусот“, вели Квон.