Полицијата на Хамбург се справува со заложничка драма на аеродромот, кој останува затворен откако вооружен маж синоќа упадна на пистата со автомобил. Во него се наоѓаат двајца луѓе, вклучувајќи дете.
Сите полетувања и слетувања се во прекин и полицијата утрово соопшти дека ситуацијата и натаму не е решена.
Полицијата е во контакт со 35-годишниот возач, кого сопругата го пријави за киднапирање на нивното четиригодишно дете. Весникот „Билд“ објави дека станува збор за турски државјанин.
„Веруваме дека во позадината на ситуацијата е спор околу старателство“, соопшти полицијата.
Осомничениот двапати истрелал во воздух и фрлил запалени шишиња од автомобилот откако ја пробил безбедносната ограда на пистата. Автомобилот сега е паркиран под еден авион.
„Во моментов имаме статична заложничка ситуација. На терен се специјални сили и психолози специјализирани за преговарање“, кажаа од полицијата.