Момче и маж се спасени од урнатините во тешко погодената турска провинција Караманмараш 198 часа по земјотресот од 7,8 степени, кој досега однесе над 37.000 животи во Турција и Сирија.
Спасувачите и ноќеска ги пребаруваа урнатините на илјадниците урнати згради, иако изминаа веќе осум дена од земјотресот, кој остави незамисливи уништувања. На друга локација во Караманмараш, тие се обидуваат да дојдат до мајка, ќерка и бебе, сите од исто семејство, кои се чини го преживеале земјотресот.
Сепак, Обединетите нации кажаа дека спасувачката фаза наскоро ќе заврши и внимание ќе се посвети на обезбедување засолниште, храна и медицинска грижа за преживеаните. Полскиот тим спасувачи објави дека утре ќе ја напушти Турција.
Повеќе од еден милион луѓе во Турција останаа без дом по земјотресот, а се проценува дека оваа бројка е уште поголема Сирија, каде што хуманитарната помош потешко доаѓа поради сложената политичка ситуација. Сириската влада дозволи да се отворат уште два гранични премина кон Турција во северозападниот, бунтовнички дел на земјата за да се забрза доставата на помош. Договорено е тие да бидат отворени три месеци.
„Тоа ќе направи голема разлика, досега користевме само еден премин“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерес, без да додаде кога ќе бидат отворени.