Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека фазата на интензивни борби против Хамас во Појасот Газа се ближи кон својот крај, но војната ќе продолжи сѐ додека оваа група не ја изгуби контролата врз енклавата. Тој додаде дека Израел сега ќе прераспредели повеќе сили долж границата со Либан, каде што ескалираат борбите со Хезболах.
„Откако ќе завршат интензивните борби во Газа, ќе имаме можност да преместиме дел од нашите трупи на север. Како прво, тоа ќе го направиме од одбранбени причини, а како второ, да ги вратиме дома нашите евакуирани граѓани. Ако успееме, ќе го направиме тоа дипломатски, но ако така не биде можно, има и други начини. Но, ќе ги вратиме жителите дома“, изјави Нетанјаху.
Многу израелски градови покрај границата со Либан беа евакуирани откако почнаа борбите.
Запрашан кога ќе заврши фазата на интензивни борби во Газа, Нетанјаху одговори:
„Многу скоро. Сепак, војската ќе продолжи да дејствува во Газа. Не сакам да ја завршам војната и да го оставам Хамас каков што е“.
Тој ја отфрли идејата палестинските власти од Западен Брег да управуваат со Газа место Хамас.
Според министерството за здравство на Газа, од почетокот на војната загинале над 37.500 луѓе.