Володимир Зеленски ќе ги посети Белата куќа и Конгресот следната недела, кога ќе биде во САД за време на Генералното собрание на Обединетите нации. Неговото патување во САД доаѓа додека Конгресот дебатира за барањето на претседателот Џо Бајден за нова воена и хуманитарна помош за Украина вредна 24 милијарди долари.
Неименуван извор кажа дека Зеленски ќе се сретне со Бајден во Белата куќа в четврток, што ќе биде негова втора посета на САД од почетокот на руската инвазија пред повеќе од една и пол година.
Американскиот Конгрес е силно поделен околу обезбедувањето дополнителна воена помош за Украина. Бајден побара новиот пакет да вклучува 13,1 милијарда долари воена помош и 8,5 милијарди долари хуманитарна поддршка. Сепак, конзервативните републикански пратеници се залагаат за големо намалување на федералните трошоци, а на оние кои му се најлојални на Доналд Трамп најмногу им пречат парите наменети за Украина.
Деталите за посетата на Зеленски засега не се познати, ниту имаше коментар од советникот за национална безбедност на Белата куќа.