САД и Европската Унија подготвуваат нови санкции за Русија за да ја казнат за убиствата на цивилите во Украина, додека претседателот Володимир Зеленски предупреди дека случаи како Буча веројатно ќе бидат откриени и во други места кои беа окупирани од руските сили. Тие се повлекоа од градовите северно од Киев, додека Москва се фокусира на истокот и југот на земјата.
Додека се засилуваат меѓународните осуди за Русија поради масакрот во Буча, Џо Бајден го обвини Владимир Путин дека е воен злосторник и повика да му се суди. Русија негира дека нејзините војници убивале цивили и кажа дека ќе презентира „емпириски докази“ на денешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, каде што треба да се обрати и Зеленски.
„Буча не е осамен пример. Имаме информации дека бројот на цивилните жртви би можел да биде уште поголем во Бородјанка и во некои други ослободени украински градови“, кажа Зеленски.
По повлекувањето на руските сили, во Буча се пронајдени тела на цивили на улиците, како и масовна гробница, при што Зеленски кажа дека се убиени најмалку 300 луѓе.
„Русија не ги прикри своите злосторства во Буча, но би можела да го направи тоа на други места што ги окупираше“, додаде Зеленски, кој вчера ја посети Буча, што беше негово прво излегување од Киев од почетокот на војната пред 40-ина дена.
Украинските истражители досега собрале 410 тела на цивили во киевскиот регион, при што на некои од нив рацете им биле врзани.