Володимир Зеленски потврди дека е на пат за САД, каде што денеска ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден. Тоа е негово прво излегување од Украина од почетокот на руската инвазија пред 300 дена.
Зеленски замина за Вашингтон само ден откако ненајавено ги посети украинските трупи во Бахмут, каде што веќе со недели се водат најжестоките борби.
Белата куќа ја потврди посетата и кажа дека ќе ја снабди Украина со ракетен систем „патриот“, со цел значително да ги засили нејзините противвоздушни способности. Зеленски ќе се обрати во Конгресот и ќе оствари бројни билатерални средби.
„На пат за САД за да ги зајакнеме отпорноста и одбранбените способности на Украина“, напиша тој на Твитер.
Зеленски редовно нагостуваше странски лидери во Украина откако почна војната и зборуваше со нив преку телефон и видеоврска, но самиот не беше на ниедно патување во странство.
Во пресрет на доаѓањето на Зеленски, Белата куќа потврди нова воена помош за Украина од речиси две милијарди долари, а се работи и на закон за обезбедување дополнителни 40 милијарди долари во 2023 година.