Украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба откако Русија почна воена операција, бомбардирајќи ги градовите низ целата земја. Тој потврди дека има ракетни напади на украинската инфраструктура и на граничните пунктови, додека Русија соопшти дека не ги напаѓа градовите, туку само воената инфраструктура.
Руски воен конвој ја преминал границата и влегол во северните области Чернихив и Суми, како и во источните региони Доњецк и Луганск, објави украинската гранична служба (ДПСУ), додавајќи дека офанзивата била проследена со артилериски оган. Украинската војска кажа дека соборила пет руски авиони и еден хеликоптер.
„Ги преземаме сите мерки за да го запреме непријателот“, соопшти ДПСУ.
Украина ја обвини Русија и дека почнала да ја преместува воената опрема од анектираниот полуостров Крим кон југоистокот на земјата.