Франција вети дополнителна воена помош за Украина откако Володимир Зеленски вчера пристигна во изненадувачка посета на Париз, каде што имаше тричасовни разговори со Емануел Макрон. Тој од Берлин допатува во Франција, а оттаму денеска дојде во Велика Британија.
Додека украинската војска ги привршува подготовките за долгоочекуваната противофанзива, Франција објави дека ќе ѝ даде десетици лесни тенкови и оклопни возила во следните недели, како и противвоздушни системи и ќе обезбеди обука за 6.000 војници. Од кабинетот на Макрон соопштија дека „француската политичка, економска, хуманитарна и воена поддршка за Украина ќе продолжи колку што е потребно“.
„Со секоја посета, одбранбените и офанзивните способности на Украина се прошируваат. Врските со Европа стануваат посилни, а притисокот врз Русија поголем“, кажа Зеленски.
Пред неговото денешно доаѓање во Велика Британија, Лондон соопшти дека ќе испрати стотици дронови со долг дострел и проектили во Украина.
„Овие дронови од нова генерација имаат дострел од над 200 километри и ќе бидат испорачани во следните месеци“, објави британската влада.
Британија пред неколку дена стана првата земја која на Украина ѝ даде проектили со долг дострел, додека Германија вети воена помош вредна 2,7 милијарди евра.