Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека имал долг и „суштински“ телефонски разговор со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
„Украина е решена да продолжи да работи во добра волја со американската страна за вистински да се постигне мир. Се договоривме за следните чекори и формати за разговори со САД“, рече Зеленски на Икс.
Виткоф и Кушнер одржаа дводневни разговори со високиот украински преговарач Рустем Умеров во Мајами оваа недела, кои двете страни ги нарекоа „конструктивни дискусии за унапредување на кредибилен пат кон траен и праведен мир во Украина“.
Се очекуваше Виткоф да го информира Умеров за неговата средба во Москва изминатава недела со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски рече дека чека Умеров да му даде детален извештај лично во Киев.
„Не може сè да се дискутира преку телефон, затоа треба тесно да соработуваме со нашите тимови за идеи и предлози“, рече Зеленски. „Нашиот пристап е дека сè мора да биде изводливо – секоја клучна мерка за мир, безбедност и обнова“.
Русија ноќеска изврши голем ракетен и беспилотен напад врз Украина, откако американските и украинските претставници изјавија дека ќе се сретнат денеска на трет ден од разговорите со цел да се стави крај на речиси 4-годишната војна. Русија употреби 653 беспилотни летала и 51 ракета во широкиот ноќен напад врз Украина, што предизвика тревога за воздушен напад низ целата земја и се случи во време кога Украина го одбележуваше Денот на вооружените сили, соопштија утринава воздухопловните сили на земјата. Украинските сили соборија и неутрализираа 585 беспилотни летала и 30 ракети, соопштија воздухопловните сили, додавајќи дека биле погодени 29 локации. Најмалку осум лица се ранети во нападите, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.



