Володимир Зеленски одговори на повикот на Владимир Путин за тридневно примирје во Украина на почетокот на мај, опишувајќи го како манипулација.
Рускиот претседател вчера прогласи привремено примирје во војната во Украина, што треба да трае од утрото на 8 мај до 11 мај, што се совпаѓа со прославите на Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна.
„Сега имаме нов обид за манипулација. Од некоја причина треба да чекаме до 8 мај и дури тогаш да имаме примирје за да му се обезбеди смиреност на Путин на парадата. Ние ги цениме животите на луѓето, не парадите. Веруваме дека светот смета дека нема потреба да се чека 8 мај и дека примирје не би требало да трае само неколку дена, а потоа да се продолжи со убивањето“, кажа Зеленски.
Веднаш по објавата на Путин, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха повика на примирје од најмалку 30 дена, додека Белата куќа кажа дека Доналд Трамп сака траен прекин на огнот.
Последната објава на Москва доаѓа откако САД кажаа дека мировните разговори за Украина влегуваат во клучната недела, при што Трамп се закани дека ќе се повлече од преговорите ако наскоро нема јасен напредок. Трамп викендов ја доведе во прашање спремноста на Путин да ја заврши војната.
„Украина досега не одговори на многуте понуди на рускиот претседател Владимир Путин за почеток на директни мировни преговори и многу е тешко да се разбере дали Украина има намера да го поддржи примирјето“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.