Кога трикатното училиште „Енрике Ребсамен“ во јужниот дел на Мексико Сити се урна, тоа се преклопи како сендвич, училница врз училница.
Во урнатините беа пронајдени телата на 21 дете и на петмина возрасни лица, но тоа, можеби, не е конечен број на жртвите, како што продолжува очајничката потрага по преживеаните. Се расчистува со се што е достапно, па така и со голи раце и секој што ќе биде спасен влева огромна надеж.
„Ваму има деца“, повикаа спасувачите, по што од една дупка беа извлечени неколку деца, цели во прав, но без видливи повреди.
Околу 210 училишта се погодени од земјотресот, кој во вторникот го погоди централното Мексико со магнитуда од 7,1 степен според Рихтеровата скала. Засега е потврдена бројката од 225 загинати, помалку од првично објавените, од кои најмногу во главниот град Мексико Сити – 94.
Надежите дека се уште има живи меѓу урнатините се зголемија, откако беше лоцирано едно живо девојче, но властите велат дека станува збор за многу деликатна операција на спасување.
Потврдувајќи го бројот на мртвите, министерот за образование Аурелио Нуњо изјави дека 11 лица се спасени, додека по две деца и по еден возрасен се уште се трага. Претходно беше објавено дека има 30 исчезнати лица во училиштето.
Над 500 војници и 200 полицајци и волонтери работат на расчистувањето на локацијата.
„Целата област е трансформирана. Куќите се претворени во болници. Сега сите сме соседи“, изјави една волонтерка.