Со околу 160 луѓе сè уште нема никаков контакт откако вчера се урна дел од 12-катна станбена зграда во близина на Мајами. Спасувачките екипи пребаруваат по купиштата бетон и железо со раце, кучиња и машини, стравувајќи дека сегашниот трагичен биланс од четворица загинати би можел значително да порасне.
„Секој пат кога ќе слушнеме некој звук, се концентрираме на таа област. Но, тоа не мора да биде човечки глас“, изјави помошник шефот на пожарникарите во Мајами-Дејд, Раиде Џедала.
Засега е непознато што е причината за уривањето на зградата во Сурфсајд стара 40 години, ниту колку луѓе имало во неа во тој момент, бидејќи таа има и редовни и сезонски станари. Досега е стапено во контакт со 102 лица. Зградата се урнала за само 12 секунди, при што се уништени 55 од 136-те станови.
„Сè уште имаме надеж дека ќе пронајдеме преживеани. Продолжуваме со потрагата, иако спасувачите се соочуваат со голем ризик пребарувајќи по урнатините. Остатоци паѓаат врз нив додека работат“, изјави градоначалничката на областа Мајами-Дејд, Даниела Ливајн Кава.
Познато е дека меѓу исчезнатите се сестрата на првата дама на Парагвај, семејство на руски Евреи и лица од Јужна Америка.