Грчката крајбрежна стража објави дека е спасена патничка која паднала од крузер во Јонското Море, откако поминала 12 часа во водата.
Четириесет и четиригодишната државјанка на Ел Салвадор паднала од крузерот „Одисеја на морињата“, што пловел под знамето на Бахамите, додека тој се наоѓал 130 километри југозападно од Закинтос.
Откако Центарот за координација на операциите за пребарување и спасување ги известил пристанишните власти во Закинтос, Катаколо и Пилос за падот на жената од бродот, веднаш започнала обемна операција за пребарување, во која биле вклучени неколку брода и хеликоптер на военото воздухопловство.
Во раните утрински часови во саботата, жената била пронајдена свесна со појас за спасување од страна на товарен брод, кој исто така учествувал во операцијата за спасување. Таа потоа била префрлена во болница.
Засега не е познато како жената завршила во морето.



