Талибанските сили започнаа напади врз пакистански војници долж границата меѓу двете земји, обвинувајќи го Пакистан дека извршил воздушни напади на авганистанска територија, соопштија високи официјални претставници од неколку авганистански провинции.
Талибанските власти тврдат дека зазеле три пакистански гранични пунктови, додека пакистански безбедносни претставници изјавија дека нивната војска уништила неколку авганистански пунктови. Судирите се одвивале на најмалку шест локации долж границата.
„Вечерва, талибанските сили почнаа да користат оружје. Прво возвративме со лесна, а потоа и со тешка артилерија на четири точки долж границата“, изјави висок функционер од пакистанската провинција Хајбер-Пахтунхва.
Пакистанските безбедносни сили соопштија дека одговараат „со полна сила“ на, како што го нарекоа, неиспровоцираниот оган од Авганистан, додавајќи дека собориле три авганистански дронови за кои се сомневале дека носат експлозив.
Размената на оган следува откако во четвртокот се слушнаа две експлозии во авганистанскиот главен град Кабул и уште една на југоистокот на земјата. Талибанското Министерство за одбрана го обвини Пакистан за нападите, велејќи дека ја нарушил сувереноста на земјата.
„Како одмазда за воздушните напади извршени од пакистанската армија врз Кабул, талибанските сили се вклучени во тешки судири против пакистанските безбедносни сили во различни области долж границата“, соопшти авганистанската војска.
Портпаролот на талибанското Министерство за одбрана, Енајат Ховаразм, изјави дека „успешните“ операции завршиле на полноќ.
„Ако спротивната страна повторно ја наруши територијата на Авганистан, нашите вооружени сили се подготвени да ја одбранат својата територија и ќе одговорат цврсто“, рече тој.
Пакистанската влада не потврди дека стои зад нападите во четвртокот, но го повика Кабул „да престане да ги засолнува пакистанските талибанци (ТТП) на своја територија“. Пакистан ги обвинува ТТП, кои делат слична идеологија со авганистанските талибанци, дека убиле стотици пакистански војници од 2021 година.
Во последниве месеци, милитантите на ТТП ги засилија нападите врз пакистанските безбедносни сили. Владата во Исламабад го обвинува Авганистан дека не ги протерува милитантите кои ја користат авганистанската територија за напади, обвинение што властите во Кабул го негираат.
Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, во четвртокот изјави дека напорите да се убедат авганистанските талибанци да престанат да ги поддржуваат ТТП биле неуспешни.
„Нема да го толерираме ова повеќе. Обединети, мораме да одговориме на оние кои ги олеснуваат, без разлика дали скривалиштата се на наша или на авганистанска почва“, рече Асиф.
Во саботата, ТТП ја презеде одговорноста за смртоносните напади во неколку области во северозападен Пакистан во кои загинаа 20 припадници на безбедносните сили и тројца цивили.