ЖИТЕЛИТЕ НА МАРИУПОЛ ДОБИЈА ПЕТ ЧАСА ДА ГО НАПУШТАТ ГРАДОТ

    ЖИТЕЛИТЕ НА МАРИУПОЛ ДОБИЈА ПЕТ ЧАСА ДА ГО НАПУШТАТ ГРАДОТРуските сили пет дена интензивно го гранатираат Мариупол (Фото: АП)

    Пет часа им е дадено на цивилите да го напуштат Мариупол, кој веќе со денови е окружен од руските сили и интензивно се гранатира. Украина и Русија утрово прогласија привремен прекин на огнот во Мариупол и Волноваха, со цел да се отворат хуманитарни коридори за евакуација на дел од населението.

    Цивилите ќе имаат можност да го напуштат Мариупол од десет до 15 часот по средноевропско време, а Црвен крст ќе го надгледува примирјето за тоа време. Тие ќе се движат по точно одредена маршрута кон северозападниот град Запорожје.

    Украинската влада соопшти дека се планира евакуација на 200.000 луѓе од Мариупол и 15.000 од Волноваха, кој, според локалниот пратеник Дмитро Лубинец, е 90% уништен. Сепак, заменик-градоначалникот Серхиј Орлов верува дека најмногу 9.000 луѓе денеска ќе успеат да избегаат од Мариупол со автобуси и приватни автомобили, зашто железничката инфраструктура е уништена.

    „Нема гаранции од руската страна дека примирјето ќе продолжи и утре. Работиме на тоа“, рече Орлов.

    Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, ги повика цивилите да го напуштат градот, во кој веќе нема вода, струја и греење.

    „Нашиот град со денови е изложен на постојано безмилосно гранатирање и нема друга опција освен да им се дозволи на жителите да заминат“, кажа Бојченко.

    Мариупол е важен стратешки град за Русите, зашто ќе им овозможи копнено поврзување на Крим и отцепените региони Доњецк и Луганск.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира