ЗЛАТНИОТ ЧАСОВНИК НА ЕДЕН ОД НАЈБОГАТИТЕ ПАТНИЦИ НА „ТИТАНИК“ ПРОДАДЕН НА АУКЦИЈА ЗА РЕКОРДНИ 1,78 МИЛИОНИ ФУНТИ

    ЗЛАТНИОТ ЧАСОВНИК НА ЕДЕН ОД НАЈБОГАТИТЕ ПАТНИЦИ НА „ТИТАНИК“ ПРОДАДЕН НА АУКЦИЈА ЗА РЕКОРДНИ 1,78 МИЛИОНИ ФУНТИЧасовникот, кој досега бил чуван во семејството на брачната двојка Штраус, беше продаден во саботата во аукциската куќа „Хенри Олдриџ и синот“ во Вилтшир. (Фото: БНПС)

    Златен џебен часовник пронајден на телото на еден од најбогатите патници на „Титаник“ е продаден на аукција за рекордни 1,78 милиони фунти.

    Сопственикот на часовникот, Исидор Штраус, и неговата сопруга Ида беа меѓу повеќе од 1.500 луѓе кои загинаа кога бродот, патувајќи од Саутемптон за Њујорк, удри во леден брег и потона на 14 април 1912 година. Телото на Штраус беше извлечено од Атлантикот неколку дена по катастрофата, а меѓу неговите лични работи бил пронајден и 18-каратниот златен џебен часовник од марката „Жил Јургенсен“.

    Часовникот, кој досега бил чуван во семејството на брачната двојка Штраус, беше продаден во саботата во аукциската куќа „Хенри Олдриџ и синот“ во Вилтшир.

    Штраус беше американски бизнисмен роден во Баварија, политичар и косопственик на познатата стоковна куќа „Мејсис“ во Њујорк. Се верува дека ноќта на кобниот настан, неговата сопруга одбила место во чамец за спасување бидејќи не сакала да го напушти својот сопруг, велејќи дека попрво би умрела покрај него. Телото на Ида Штраус никогаш не беше пронајдено.

    На аукцијата беа понудени и други предмети поврзани со бродот. Писмо напишано од Ида Штраус на меморандум од „Титаник“, испратено додека таа била на бродот, достигна цена од 100.000 фунти. Оригинален список на патници од „Титаник“ беше купен за 104.000 фунти, додека златен медал доделен на екипажот на бродот „Карпатија“ од страна на спасените преживеани беше продаден за 86.000 фунти.

    Вкупната сума собрана од аукцијата на меморабилии поврзани со „Титаник“ достигна 3 милиони фунти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира