Градежни работници во белгискиот град Дендермонде пронашле злато во вредност од околу девет милиони евра. Полицијата соопшти дека била алармирана од работниците со информација дека откриле „голема количина злато“. Вчера, полицијата објави фотографии од околу 50 златни прачки и натрупани златни монети.
Според извештаите на белгиските медиуми, златните прачки и монети биле откриени заѕидани во подрумските ѕидови на објект што припаѓа на добротворна организација. Нивната вредност се проценува на околу девет милиони евра.
„Првата реакција на тимот била неверување и восхит“, изјавил еден од работниците за белгискиот радиодифузен сервис БРТ. „Налетавме на нив додека изведувавме работи за поставување канализациска цевка“, рекол тој. „Дефинитивно не очекувавме да пронајдеме злато“.
Полицијата апелираше до граѓаните да се држат подалеку од градилиштето.
„Очигледно, некои ловци на богатство би сакале повторно да го посетат местото на пронаоѓање на златото. Еден златен совет: тоа е апсолутно бесцелно. Граѓаните треба да се држат подалеку од обезбеденото градилиште. Таму веќе нема никакво злато што може да се пронајде“, соопшти полицијата, која дури и ја замени својата профилна фотографија на Фејсбук со златна монета.



